Музиката е одличен начин да се енергетизира телото преку спортските активности.
Музиката може многу да помогне, особено поради нејзиното влијание врз чувството на задоволство што е добра мотивација при изведување на некои напорни вежби. Исто така предизвикува чувство на опуштеност и слобода во изразувањето на позитивна емотивна состојба.
На почетокот на овој век изнесени се некои теоретски размислувања дека музиката има одредено влијание на организмот. Подоцна се докажало дека вежбајќи во ритам и темпо на музика, може да се делува на подобрување на кардиоваскуларниот систем.
Со интеракција на музиката и специјално избраните кинезиолошки движења се остварува мотивација за продолжување со вежбањето со субмаксимално оптеретување што предизвикува одредени промени на функционалната состојба на организмот, а особено помага при воспоставување на хармонија меѓу телесните и духовните доживувања. Музиката, значи е еден од главните причинители за успешно изведување на секој еден час.
Изборот на музиката зависи од целите кои сакаме со одредена вежба да ги постигниме и се однесува на:
– типот на вежбата
– особините на вежбачите (спрема староста, тренираноста, видот на спортот со кој се занимавале, спортски искуства)
– барањата и желбите на вежбачите
Темпото на музиката го одредува интензитетот на вежбањето. Брзото темпо наметнува поинтензивно вежбање, а додека побавното темпо помалку интензивно вежбање. За почетниците во степ аеробикот се користи побавно темпо, за разлика од напредните вежбачи.
Потребна е возбудувачка музика која мотивира и ја поттикнува енергијата кај вежбачите за понатамошна работа. Во спротивно, вежбата може лесно да стане досадна и заморна.
Стречингот бара побавна и смирувачка музика која е погодна за опуштање.
Различниот тип на музика кај вежбачите пробудува различни начини на движење.
Нагласениот ритам предизвикува снажни движења а “лесната” музиката пробудува меко и брановито движење. Веселата музика пробудува веселост, а побавната музика меланхолија, опуштеност и сонливост. Сето ова влијае на изборот на музиката за секој дел од тренингот посебно.
Вклучувањето на музика носи свои бенефити како: фокус, мотивација и желба за вежбање.