Блазе си им на оние кои живеат заработувајќи од спорт. Но во последно време како да се заборава на основната смисла на спортот, на играта, а тоа е дружењето, забава и социјализација. Преку спортот се надградува личноста, се стекнуваат пријателства. Значи покрај физичките и здравствени придобивки кои ги стекнуваме со спортување, никако не треба да заборавиме на смислата на играта. Спортот може само да не направи подобри личности.
Во последно време сме сведоци на голем број лоши примери. Врвни спортисти се фатени во алкохолизирана состојба, па дури и со дроги, многу често влегуваат во конфликт со тренерите, менаџери и сл., има дури и случај каде што спортисти се тепаат со публиката. За сите овие наведени работи може да се најде пример, но верувајте тоа е лошиот пример, тоа е како не треба.
До вакви девијантни однесувања доаѓа кога дадениот субјект, покрај огромните финансии кои ги добива, благодарение на својот талент, стекнува одредена слава и неговиот скромен психички капацитет не е во можност да го издржи целиот тој притисок од добри и лоши работи, победи и порази, внимание и невнимане.
Кој бил во контакт со некои од нашите домашни спортисти, докажани во својата област, сигурно приметил дека тие кутрите не знаат “два зобра да сврзат“, секоја чест на исклучоците.
За да се избегнат ваквите неславни примери, секој спортист поединечно, треба да превземе одговорност за својата едукација и развивање на својот психички капацитет. Кога тие способности би се развиле во вистински правец, самиот поединец нема да си дозволи девијантни однесувања во и надвор од теренот.
Спортистот треба да ја претставува добрата страна на општеството. Тој е идол на многу млади личности, кои допрва се надградуваат и затоа треба да имаат добар пример. Таквиот пример ќе го покрене угледот на самиот спортист.
Секогаш со симпатии гледаме на оној кој што помогнал некому, кој направил добра работа, додека оној кој се обидува да мами или насилнички се однесува кон останатите секогаш е покажуван со прст, како не треба.
За да бидете добри личности треба да ги почитувате моралните вредности, така ќе се чувствувате подобро во вашата кожа, а со самото тоа и останатите во општеството ќе гледаат со симпатии кон вас.
Уште една многу важна работа – Негувајте го фер-плејот.