Како да изберете мед?

 

Видот на медот зависи од билката од која е добиен. Пчелите собираат нектар, сок кој циркулира во секоја билка, и во себе ги носи сите елементи по кои медот ги добива епитетите на хранлив и лековит.

Ливадскиот мед се добива од нектарот на многу видови на полско и ливадско цвеќе како што се мајчината душица, детелината, здравецот, црниот слез, љубичицата, белиот босилек и слично. Ливадскиот мед е најзастапен на пазарот, има пријатен мирис и вкус, често со јака арома и брзо кристализира.

Медот од багрем кога е чист е речиси со белозелнкаста боја и пријатен вкус. Многу споро кристализира во вид на фини зрнца и тогаш добива млечно бела боја. Овој мед е добар за смирување и против несоница, а посебно ако се пие со соодветен лековит чај.

Медот од липа е жолт, жолтоцрвен или црвенкаст и има мирис на цвет од липа. Овој мед има силно антибактериско и антивирусно дејство, а конзумирањето се препорачува при грип, настинка, кашлица и бронхитис.

Планинскиот мед се добива од нектарот на тревата која цвета или жбуновите како капините, шумските јагоди и дивите малини кои растата на планинските терени. Овој мед обично има темна боја, специфичен мирис и вкус кој е пријатно горчелив.

Овошниот мед потекнува од нектарот на овошките кои цветаат како јаболките, крушите, сливите, кајсиите и праските. Овој мед има бледа боја, специфичен мирис на овошје и многу брзо кристализира. Сепак овој мед ретко се наоѓа во продажба бидејќи им се остава на пчелите за пролетен развој.

Шумскиот мед пчелите го произведуваат собирајќи медна роса. Бојата на овој вид мед варира од темносива, зеленкаста до бледоцрна. Има јак мирис и специфичен вкус, ретко кристализира и долго останува течен. Во однос на другите видови на мед, содржи многу минерални материи.

Сепак, без оглед на видот, медот е една од најздравите намирници. Кој вид ќе го одберете Вие зависите од Вашиот вкус.

Тагови:
Сподели го овој пост!

За авторот : Даниел Трбогазов

Даниел е Дипломиран Проф. по Физичко образование и е главен уредник и основач на порталот Мој Тренер. Работната кариера ја гради како Фитнес Тренер и Инструктор по пливање. Работи со млади и возрасни почетници , луѓе со посебни потреби и нуди простор за индивидуални тренинзи. Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот, а воедно и да даде придонес во збогатувањето на спортската литература на овие простори.

Остави Коментар

Вашиот маил нема да биде објавен.