Ензимите се биолошки катализатори, т.е. тие ги убрзуваат биолошките процеси во организмот, без притоа нивниот состав и количество да се изменат. Ги има во сите органели во клетката. По својата хемиска природа се прости или сложени протеини. Ензимите кои по својата структура се сложени протеини, се состојат од протеинска компонента (апоензим) и непротеинска компонента (коензим или простетична група), при тоа образувајќи холоензим. Ензимите кои се прости протеини, се изградени само од протеини (прости белковини).