10 Чекори како да бидете фит

Да се биде фит значи да може без проблем да се изведуваат повеќето физички активности. За некои да се биде фит значи и да се изгледа добро во омилените алишта, за други тоа е едноставно да се остане во форма. Во секој случај, доколку се заморувате и задишувате после качување на само неколку скали или некоја друга секојдневна активност, тоа може да се измени следејќи ги овие 10 чекори:

 

 

1. Создадете правилен став. Да се биде фит не е краткорочна активност. Многумина престануваат со физичката активност во моментот кога ќе ја постигнат саканата тежина, и затоа набрзо потоа  повторно ги враќаат изгубените килограми. Физичката активност треба да стане дел од вашето секојдневие.

2. Внесете повеќе активност во вашиот ден. Најчесто телото омлитавува бидејќи не го предизвикувате да направи доволно потребни движења во денот. Патувањето со автомобил заменете го со велосипед, или доколку тоа е невозможно-автомобилот паркирајте го подалеку од местото кон кое сте се упатиле. Така ќе додадете 15-тина минути пешачење во денот. Или впуштете се во генерално чистење на вашиот дом. Тоа бара голема физичка активност што на крај ќе резултира и со поздрава средина за живеење.

3. Започнете со режим на вежбање и држете се до него. Започнете со трчање или било какви други вежби, 2-3 пати во неделата, постепено зголемувајќи го интензитетот и времетраењето на вежбите. Независно дали ќе се одлучите за развивање на мускулите или за кардио-вежби, доволно е со физичка активност да се промени метаболизмот и животните навики.

4. Додавајте нови работи во секојдневието. Секоја физичка активност е добра, но важно е да се знае дека телото, после долго повторување на истата активност без промени влегува во рутина, па така и ефектите изостануваат. Затоа менувајте ги физичките активности повремено. Така ќе ви биде и позабавно, па ќе спортувате со поголем елан.

5.  Бележете ги своите успеси. Почнете да водите дневник во кој ќе го бележите вашиот прогрес. Запаметете дека сепак почнувате со ново поглавје во животот, каде секоја промена вреди да се следи и да се биде горд со секој напредок. Тоа ќе ви даде дополнителна мотивација.

6. Давајте му го на телото потребното “гориво“. Зголемената физичка активност бара и повеќе храна. Изменете ги дневните навики за хранење, исфрлете ги грицките и непотребните калории и заменете ги со зеленчук и овошје. И секако, многу повеќе вода. 8-10 чаши дневно ќе го забрзаат топењето на масните наслаги, ќе ве тераат да се чувствувате сито, и најважно од се, ќе го одржуваат телото во потребната форма за физичка активност.

7. Носете шише со вода секаде со вас. Постојаната хидратација е многу важна. Кога водата ќе биде блиску до вас, ќе можете да ја гасите жедта во секое време, па така не ќе имате изговори за внес на помалку вода од потребното.

8. Нека во вашиот дом има постојано залихи на здрава храна. Имајте постојано при рака овошје и зеленчук. Така секоја потреба за грицкање ќе ја задоволите со здрава храна, наместо непотребни калории.

9. Одмарајте. После секој физички активен ден на вашето тело му е потребен одмор. Недостатокот на сон доведува до опаѓање на имунитетот, но и до неконтролирано јадење и непотребен внес на калории. Дајте му го на телото потребниот одмор со кој се чувствувате наспани и одморени. Така ќе може подобро да функционирате.

10. Проверувајте си го вашето здравје. Да се биде фит подразбира не само грижа за изгледот, туку и за здравствената состојба на вашето тело. Одете повремено на здравствени контроли. Така ќе бидете постојано во тек со вашето здравје и ќе превенирате негово посериозно влошување.

Сподели го овој пост!

За авторот : Даниел Трбогазов

Даниел е Дипломиран Проф. по Физичко образование и е главен уредник и основач на порталот Мој Тренер. Работната кариера ја гради како Фитнес Тренер и Инструктор по пливање. Работи со млади и возрасни почетници , луѓе со посебни потреби и нуди простор за индивидуални тренинзи. Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот, а воедно и да даде придонес во збогатувањето на спортската литература на овие простори.

Остави Коментар

Вашиот маил нема да биде објавен.