Патот на Јапонските боречки вештини

ДО на јапонски значи ПАТ, во философска смисла на зборот. Претходно деноминацијата на вештините завршувале со џутсу што значи уметност. Карате џутсу, кен џутсу, џу џутсу, кју џутсу, иаи џутсу, сe додека Јапонија не се демилитаризира и не ги постави овие одредници кон философијата или кон целта, која и во двата терминолошки случаи е идентична. Тогаш прераснале или терминолошки се промениле во карате до, кен до, џу до, кју до, иаи до итн. Но интересно е што и сите останати вештини кои не спаѓаат во боречките, а кои спаѓаат во уметност, го носат истиот атрибут. На пример са до (ритуал на чајот), шо до (пишување калиграфија) итн.

Од ова ќе увидите дека сите заедно имаат бескрајна уметност и философски пат во себе. Кај сите нив е карактеристика тенденцијата на перфектна ваза или техника, хармонизирано дишење, празна мисла и КИ енергијата како сублимат на духовната слобода која води кон САТОРИ. Тука ќе увидите дека патот или ДО на јапонски или ТАО на кинески е философија на живеење. Никако не значи празно мавтање со рацете и нозете, празна борба или физичка надмоќ. Напротив, долготрајното вежбање и целосното оддавање на нив ве водат кон патот на единствената цел, а тоа е ПРОСВЕТЛУВАЊЕТО или САТОРИ. Тука секако дека темелот е зен будистичката философија, која е патоказ и водич кон крајната цел. Начините се различни, патот е различен, но целта е иста и единствена. 

Постојат и други начини и патишта кои не спаѓаат во јапонските боречки вештини како на пример: ЈОГА како индиски пат, ТАЕКВОН ДО како корејски пат, КУНГ ФУ како кинески пат и многу други во различни делови од светот, од различни култури и религии. Моето искуство, а воедно и мојот начин го базирам, како и досега, врз јапонските боречки вештини и нивната философија. Различни патишта, а една цел. Замислете си ја како еден плоштад кон кој доаѓаат многу патишта, од различен правец, но сите доаѓаат до единствената цел, а тоа е центарот. Патиштата овде се начинот, а центарот – просветлувањето. Со јапонските боречки вештини овој пат е многу долг, а некогаш и недостижен. Но барем знаеме дека ќе умреме доискажани, со завршена мисија на Земјата, со чиста совест и со исполнет дух и срце. Во имплементирањето на патот често пати се доживува САТОРИ, но моментално, кое ви покажува каде треба и дека има уште. Како бунар без дно, како учење без крај. Споредбата е како да треба да стигнете до космосот, а тој е бескраен. Колку што подлабоко навлегувате во јапонските боречки вештини, толку сё појасно ви е дека во суштина сте на почеток, не технички туку духовно. Техниката се совладува  за петнаесетина години, а тоа е само начин на следење на патот. Така треба да го сфатите. Во еден момент ќе дознаете дека формата е безначајна и дека треба да ве водат останатите елементи кои досега ги обработувавме.

Вашето сфаќање за хармонијата на овие елементи ќе се одрази врз начинот на изведба и ќе создаде девијација на основните форми или на техниката. По долги години кеико, вашата изведба е одраз на вашиот карактер и вашата духовност. Сe ќе може да се види, сe ќе може да се почувствува. Кога ова ќе го достигнете, веќе ќе бидете духовно ослободени и од вашето его и од материјалните благодати. Нашиот пат е долг и во него можете да ги користите сите земски придобивки и задоволства кои донекаде се и искушенија, но ние секако живееме во реалниот свет. Треба да се приспособиме на неговите принципи, како облак и вода, да ги ставиме во наша полза и да влијаеме врз луѓето за нивно стремење кон духовната слобода. Ова ќе го постигнете ако секогаш сте задоволни од сe околу себе, ако имате позитивна енергија и секогаш сте ведри, полни со живот и желба за напредок, не навредувајќи а стремејќи кон дијалог и комуникација со секое човечко битие кое е подготвено да разбере, да дискутира и да се освести.

 Пречката за постигнување на сето ова е, секако, големото его кај сите оние кои не сакаат да разберат, чувствувајќи во себе интелектуална, физичка, ментална или духовна надмоќ, која секако не можат да ја контролираат, туку се наметнуваат над секој што им противречи при нивниот пристап и начин. Патот кој го следиме, патот на јапонските боречки вештини ви го создава вашиот карактер. Учете да почитувате, и кога добивате и кога губите, да го почитувате својот учител, својот пријател, своето семејство и особено својот непријател. Учете да анализирате се што е околу вас, и луѓе, и постапки, и ситуации, учете да донесете најбрза и најсоодветна одлука во критичниот момент како рефлексија на борбите со различни опоненти кои ги правите секојдневно.

Имате 120 секунди да го остварите сето она што е напишано во оваа книга, и технички и енергетски, и ментално и духовно. Да носите одлука за која во дамнешни времиња немало враќање назад, грешката значела смрт. Учете да се справувате со проблеми кои ве следат за време на животот, подучени од проблемите кои се јавуваат за време на борбите. Учете да направите стратегија за секој противник поединечно, да навлезете во неговиот разум и мисла, да го совладате духовно. Учете да штедите енергија, да не се истрошите одеднаш, да чекате погоден момент, да чекате шанса која, како во боречките вештини, така и во животот, мора да ја искористите во даден момент. Учете да влегувате подготвен и невознемирен во спротивставувањето со секој противник, како и со секој проблем во животот. На тој начин, ќе станете одлучни, ќе се познавате себеси, своите недостатоци и вредности, ќе знаете да ги процените и да ги прочитате недостатоците и вредностите на вашиот соговорник, партнер, надлежен или претпоставен, ќе знаете како да го смалите нивното его и да се поставите на рамноправна позиција, да можете да ги истакнете сопствените вредности. Станувате работољубив, вреден и исполнителен, како исход од долготрајниот пат исполнет со многу време секојдневно посветено на кеико.

Упорноста во годините поминати во трагање, во напорен кеико, и кога тоа го сакате и кога не го сакате, ви дава упорност и во животот да одите до крај во сите можни ситуации, да го решавате проблемот, да истраете во препреките. Потиснувањето на емоциите во критичен момент се исклучително важни во борба, заради чистата мисла, МУШИН, но се одлика која ќе ви помогне во животот да не влегувате во непотребни конфликти и да носите правилни одлуки кога сте нападнат, во каква било форма, дали е тоа физички или вербално, кога се нападнати вашите животни вредности, вашиот живот и опстојување, вашата чест. Кога ќе почувствувате дека вашиот дух е слободен, ќе бидете во можност да се борите само со него, не физички, не вербално, да ги одвраќате противниците од нивните намери, да ја извојувате победата која се смета за најголема вредност и доблест во јапонските боречки вештини – победа со мечот во корица (saya no uchi de katsu). Ќе научите да бидете скромен, бидејќи сте ја почувствувале убавината на она што го следите, сте го добиле она што го сакате, чистиот дух и вашата вредност како битие, а материјалните вредности ќе ги заборавите. Нема да се трудите да ги зголемувате, тие самите ќе дојдат, бидејќи вашата потсвест не е блокирана со завист и ненаситност, таа е идентично чиста како и вашиот дух. 

Надворешниот изглед, како и за кеико, треба секогаш да е на ниво достојно за еден следбеник на јапонските боречки вештини. Чист, измиен, испеглан, исправен и достоинствен. Она што го применувате секојдневно при кеико, испит или натпревар, имплементирајте го и во животот. Бидете надворешно тоа што сте внатрешно. Овие две карактеристики мора да содејствуваат. Погледнете се однадвор, за да видите како ќе ве гледаат и одвнатре. За нас следбениците на јапонските боречки вештини тоа значи: како во доџо, така и дома, така и на улица. Идентично. Тоа е основата на учењето. 

Не треба да изгледате богато, туку чисто и уредно, не смеете да сте искинати туку закрпени. Mожеби сте сиромави, но не смеете да не сте уредни, тоа се карактеристики кои не зависат од материјалните можности. Може да сте богати, а неуредни и неугледни. Не носете заклучок од првиот контакт со кој мислите дека некого познавате и дека можете дури и да му се доверите. Tоа е лажна претстава за секого, исто како да донесете заклучок за борецот во првиот напад. Добро знаете дека тоа е испитување и дека се е мамка.

Модерниот свет е полн со маски и премачкани бои на лицата и карактерите на многу луѓе околу вас. Со јапонските боречки вештини, таквите бргу ќе ги распознаете. Kолку побргу, толку штетата ќе биде помала. Однесувањето влијае врз свеста. Нашето држење овде и сега влијае врз целото наше опкружување. Нашите зборови, акции, начинот на кој се движиме и стоиме, сето тоа влијае врз тоа што се случува околу нас и во нас. Во секој момент и секој ден, нашето дејствување мора да биде исправно. Нашето однесување влијае и врз нашиот секојдневен живот. Не смеете да го сонувате вашиот живот. Мора да бидете целосни во сe што правите. Во тоа е и суштината на ката кеико. Зен и јапонските боречки вештини во суштина се и школа на однесување, не се имагинарни и не стремат да го трансформираат светот. Човекот треба  да го живее својот живот овде и сега. Духот кој лежи во нив се стреми кон таа цел.
Ова се вредностите со кои во најмала рака ќе се здобиете на вашиот пат со јапонските боречки вештини.

Сподели го овој пост!

За авторот : Даниел Трбогазов

Даниел е Дипломиран Проф. по Физичко образование и е главен уредник и основач на порталот Мој Тренер. Работната кариера ја гради како Фитнес Тренер и Инструктор по пливање. Работи со млади и возрасни почетници , луѓе со посебни потреби и нуди простор за индивидуални тренинзи. Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот, а воедно и да даде придонес во збогатувањето на спортската литература на овие простори.

Остави Коментар

Вашиот маил нема да биде објавен.