Лична планинарска опрема

 

За планинарење не е доволно само вољата, без соодветна лична опрема сте изложени на големи ризици од  временски непогоди, порад тоа што на повисокте планински предели времето е  стално непредвидливо и лесно променливо….

 

Планинарска јакна и пантолони

 Планинарската јакна треба да исполнува неколку важни услови: да штити од ветерот, да не пропушта вода, и да овозможува нормално потење на телото. Современите планинарски јакни се изработени од посебни материјали (Goretex, Powertex, Simpatex и сл.), кои не го пропуштаат ветерот и капките на водата, а ги пропуштаат молекулите на водената пареа. Покрај материјалите треба да има и соодветен крој кој ќе овозможи комотни движења, а ќе има и лесно достапни џебови, и задолжително треба да има качулка за главата. Целта на јакната не е да обезбеди голема термоизолација туку да штити од надворешните атмосферски влијанија. Панталоните ја имаат истата функција како и планинарската јакна. Пожелно е од страната по целата должина да имаат патенти за да можат лесно да се облекуваат и симнуваат од телото, без притоа да се соблекуваат чевлите.

Долна облека

На нозете обично се носат две рала чорапи, едни памучни директно на ногата и врз нив волнени. Памучните чорапи ја штитат кожата од триење, а волнените ја пренесуваат влагата кон надвор. Гаќите, маиците, ѕиврите, и поткошулите треба да бидат или од тенка волна, или од некој од поновите материјали кои не ја задржуваат влагата. Погорните слоеви од облеката треба исто така да бидат од волна или од некој вештачки материјал.

Капа

Планинарската капа треба да има можност да ги покрие ушите и дел од лицето. Капа се носи и летно време, бидејќи секогаш има можност да се влоши времето.

Ракавици

На планина обично се носат два вида ракавици. Едните се топли, изработени од волна или некој од современите термо  материјали, и се облекуваат директно врз рацете. Над нив во услови на силен ветер и ниски температури се облекуваат дополнително уште едни т.н. навлечни ракавици, кои се изработени од материјал кој не пропушта вода.

Чевли 

Планинарските чевли за зимно време се разликуваат од планинарските чевли за летно време. Зимските чевли се изработени од кожа или пластика, и најчесто се дводелни. Имаат надворешен дел од кожа или пластика и внатрешен дел наречен внатрешна чевла, изработен од комбинирани материјали кои имаат за цел топлотна изолација, и да овозможат испарување на потта.Летните планинарски чевли најчесто се од кожа која од внатре е поставена со некоја непропусна но дишечка мембрана.На тој начин тие го штитат стапалото од надворешната влага а воедно овозможуваат нормално испарување на потта. За еднодневни планинарски тури се користат ниски или полувисоки чевли, а за повеќедневни тури се користат исклучиво високи чевли.

Камашни 

Камашните се заштитни планински доколенки кои се  изработуваат од непропусливи материјали. Тие се навлекуваат над горниот дел од чевлата и продолжуваат кон долниот дел од ногавицата. Имаат за цел да спечат навлегување на снегот од горе во внатрешноста на чевлата.

Очила за сонце

Планинарските очила за сонце не се моден детаљ. Тие имаат многу важна улога- да ги заштитат очите од штетното дејство на сончевите зраци, и од снежните иглички при силен ветер. За таа цел можат да се користат и скијачки очила. Важно за нив е стаклото на очилата да не ги пропушта ултравиолетовите зраци, кои се штетни за окото.

Планинарски ранец

Ранецот е симбол на планинарството. Тоа е домот на планинарот додека он се наоѓа на планина, и во него се носи се што му е потребно за преживување во планината. Затоа е многу важно да се одбере соодветен ранец во кој планинарот би се чувствувал пријатно со него. Постојат голем број на различни модели на ранци и огромен број на производители. За различна намена на планина се користи различен ранец. Класичниот ранец треба да има волумен од 50 до 60 литри, да има квалитетен самар за добро прилагодување кон телото  и правилен распоред за време на движењето на планина. Добриот планинарски ранец ја пренесува тежината врз нозете и го растеретува колку е можно повеќе грбот. Пожелно е ранецот да има неколку надворешни и внатрешни џебови, како и ремени за прицврстување на делови од опремата, кои се носат надвор од ранецот. При избор на ранец за планинарење треба да се обрне внимание дали тој добро лежи. За еднодневни планинарски тури се користат ранци со помал волумен, обично околу 30 литри.

Батериска светилка 

Батериската светилка е важен дел од опремата. Неопходна е за движење ноќе, како и за манипулација со опремата во ноќни услови, како што е на пример поставувањето на шаторот. Батериската светилка се користи и за сигнализација. Најдобро е да биде од типот на т.н. челна светилка која со помош на ластик се носи на главата, но корисна може да биде и обична џепна светилка. За да ни бидат рацете слободни, џепната светилка може со врвка да се врзе околу вратот.

Вреќи за спиење

Постојат летни и зимни  планинарски вреќи за спиење. Летната планинарска вреќа не тежи повеке од 1,5 кг, а зимската не повеќе од 2.5кг. Добрата вреќа за спиење е најважната заштита пред студот за време на ноќевањето и принудниот престој на некое место во планината. Најдобри се вреќите исполнети со пердуви, а изработени од лесни материјали кои “ дишат “ т.е ја пропуштаат водената пареа. Ваквите вреќи имаат преднос во тоа што се многу лесни, и се пакуваат во мал простор.

Бивак вреќи 

Тоа е заштитна вреќа која штити само од атмосферски влијанија како што се ветрот, дождот, снегот и сл. Се користи во услови кога се преноќева без шатор, на отворено или во некоја пештера или снежна дупка. Тие се изработуваат од водоотпорни материјали кои “дишат”.

Крпљи за снег.

Крпљите се користаат за движење во длабок снег со цел да се оневозможи пропаѓање во него, а со тоа се олеснува движењето и се зголемува брзината.

 

Покрај горенаведената опрема во ранецот треба секогаш да има прибор за прва помош, тоалет хартија, прибор за лична хигиена, свеќа, запалка, џебно ноже, матарка за вода и сл.

Каква опрема ке одбереме при заминувањето на планина зависи пред се од временските и климатските услови,а пред се од температурата, влажноста на воздухот и силината на ветрот. Температурните промени на планина се чести и големи.

Некогаш за многу кратко време температурата може да падне од 30 степени на -5 степени за време од само неколку часа. Доколку не сме адекватно опремени, ваквата промена може да биде и катастрофална.

Сподели го овој пост!

За авторот : Даниел Трбогазов

Даниел е Дипломиран Проф. по Физичко образование и е главен уредник и основач на порталот Мој Тренер. Работната кариера ја гради како Фитнес Тренер и Инструктор по пливање. Работи со млади и возрасни почетници , луѓе со посебни потреби и нуди простор за индивидуални тренинзи. Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот, а воедно и да даде придонес во збогатувањето на спортската литература на овие простори.

Остави Коментар

Вашиот маил нема да биде објавен.