Аеробик = air (воздух) + bios (живот) !
Една од најпопуларните и современи форми на физичкото оптоварување се фитнес активностите, меѓу кои е и аеробикот.
Како физичка вежба проследена со музика, датира уште од 1968 година, а денес широко се практикува во најразлични форми.
Затоа денес, многу фитнес центри нудат различни часови по аеробик од кои учесниците можат да одберат!
Тренингот има позитивно влијание врз менталното здравје, забавен е и пријатен, и може да се помогне при ослободување од стрес. Ако тренингот е направен во група, може да креирате социјални врски со вежбачите, а резултатите кои ќе ги постигнете, зависат од желбата, правилниот начин на живот, правилниот начин на вежбање и правилната исхрана.
Програмите за аеробик се препорачуваат за оние кои сакаат да ја подобрат својата општо здравствена состојба или да постигнат максимална физичка спремност и самодоверба.
Ако посетувате часови по аеробик 3-5 пати неделно, најмалку 8 недели, вашите резултати ќе бидат видливи и позитивни:
– доволно енергија за справување со секојдневните активности
– подобар имунолошки систем
– здрав кардиоваскуларен систем
– редукција на подкожно масно ткиво
– зајакнување на мускулниот тонус
– намален стрес, ќе се чувствувате попозитивни
– ќе ја зголемите силата и флексибилноста
– ќе го подобрите метаболизмот
– ќе ја зголемите издржливоста
– ќе го намалите срцевиот пулс во мирување
– унапредување на здравствениот статус
Со тоа аеробикот е современа движечка форма, која овозможува оптимален тренинг за кондиција и координација и е интересно решение за борбата со хиподинамичноста.
Активното движење балансира единство меѓу психата и физиката, ја зачувува младоста и здравјето.
Облечете се спортски, вооружете се со шише вода и подготвени сте за часот по аеробик!